
Еден од важните чекори во изградбата на нов објект е изборот на изолација за истиот. Ова претставува многу важно прашање кое треба сериозно да се разгледа, и од кое зависат голем дел од понатамошните идејни решенија во просторот. Не ретко се случува да се избрза со изборот на изолационен материјал, мислејќи дека со заштедување на средства за квалитетна изолација сме завршиле голема работа. Кога во иднина за истиот тој простор, ќе добиеме навистина високи сметки за греење и ладење, ќе видиме дека навистина е важно во рамките на можностите да се внимава на топлинската изолација.
Кога веќе ја спомнавме топлинската изолација, треба да кажеме дека истата е клучен елемент за енергетска ефикасност и во голема мера допринесува за создавање на покомфорни услови за живеење. Топлинската изолација значително ги намалува топлинските загуби во зима и топлинските добивки во лето.
Придобивки од топлинската изолација се следните:
– намалување на трошоците за греење и климатизација за над 40%
– исплатлива инвестиција, која за неколку години се враќа
– подобрена звучна изолација
– избегнување на кондензација и појава на влага на внатрешните површини
– помалку потрошени средства за опрема за греење и климатизација
– помала потрошувачка на енергија и помала емисија на штетни гасови
– подобрени комфорни услови во лето и зима
Многу е значајно да постои просторна граница со изолација, помеѓу вантрешниот простор кој се грее(лади) и надворешната средина. Оваа континуирана граница, обвивка се состои од ѕидови, под, таван и треба да се внимава да не се оставаат отвори и празнини кои овозможуваат поминување на топлина и воздух од надвор, кон внатрешниот простор (и спротивно), со што се намалува енергетската ефикасност.
Во денешните вообичаени и конвенционални методи на изградба, надворешниот ѕид треба да биде термички изолиран, бидејќи основните структурни материјали кои обезбедуваат стабилност, сигурност, крутост, спроведуваат повеќе топлина и создаваат поголем губиток на топлина во внатрешноста на просторијата. При изборот на материјали за термичка заштита треба да се почитуваат неколку основни принципи: коефициент на топлинска спроводливост, отпорност на пожар, густина на материјал и компресибилност, издржливост и чувствителност на влага, апсорпција и сл.
Во насока на добра топлинска изолација мора да се напомене дека поставувањето на енергетско ефикасни врати и прозорци, добро изолирани под и таван, се важни при изведбата на добро изолиран простор.
Топлинската изолацијата навистина чини пари, но да се живее во неизолиран или слабо изолиран простор, значи иднина со повисоки сметки и поголеми трошоци и плаќања.
Leave a Reply