Исто како и во претходните два поста, и денеска ќе пишуваме за климатизерите, односно ќе продолжиме таму кај што застанавме во минатиот пост и ќе ги наведеме и одговориме, најпоставуваните прашања за клима уредите.
1. Како да се одреди положбата на климатизерот во просторијата.
Клима уредот најчесто се поставува на ѕид, но би требало да се намести така што ладниот воздух да не дува директно накај луѓето. Често пати се случува климатизерот да е поставен така што директно дува во гарнитурата од каде што се гледа телевизија, или пак кон терпезаријата, односно кон места каде што луѓето поминуваат поголем дел од своето време. Овој принцип на поставување на клима уредот е погрешен, затоа што директното изложување на ладен воздух предизвикува вкочанување на мускулите и главоболка и затоа таквото поставување треба се се избегнува.
2. Зошто клима уредот не работи веднаш кога ќе се вклучи да грее?
При вклучување на клима уредот, можете да приметите дека се отвараат крилцата за насочување на воздухот и климатизерот престанува со работа. Климатизерот не започнува веднаш со издувување на топлиот воздухот, како во режимот на ладење затоа што од неа би излегувал ладен воздух. За да започне со греење потребни се неколку минути за да се прилагоди клима уредот да работи во режимот на греење.
3. Зошто понекогаш од климатизерот излегува непријатен мирис?
Причината за непријатната миризба треба да се бара во бактериите кои во текот на летниот период се имаат насоберено во клима уредот. Во тој случај треба да се направи сервис преку кој клима уредот ќе се исчисти детално и ќе се дезинфицира.
4. Зошто е потребен годишен сервис на климатизерите?
Секој произведувач на климатизерите советува за што почесто чистење на климатизерот, а кај многу клима уреди дури и гаранцијата е поврзана со годишниот сервис на климатизерот. Советот е поради два многу битни фактори а тоа се чистината на воздухот во просторијата и чистината на клима уредот преку која се овозможува работа без дополнителни препреки.
5.Зошто клима уредот преку лето испушта вода од внатрешната единица а преку зима од надворешната единица?
Водата која клима уредот ја испушта е кондензант на ладните делови на климатизерот. Во летното време кога климатизерот лади, внатрешната единица е ладна, па на неа се кондензира вода од воздухот, додека пак во зима, кога климатизерот грее, надворешната единица е ладна па тогаш од неа започнува да излегува вода. Количината на водата која се испушта од климатизерот е различна и зависи од влажноста на воздухот и јачината на клима уредот. Во летниот период не ретко се случува од климатизерот да се испушта дури и по еден литар вода на еден час.
6. Зошто клима уредот кога грее понекогаш престанува со работа и испушта чуден звук?
При ниски температури, кога е неопходно надворешната единица да се одледи, клима уредот на краток период се префрлува во режимот на ладење со што се грее надворешната единица.
7. Зошто клима уредот слабо грее кога надворешната или внатрешната температура е ниска?
Климатизерот не е електрична греалка, туку топлинска пумпа. Ниските температури предизвикуваат низок гасен притисок и тогаш клима уредот слабо грее. Поради тоа во текот на зимата во најладните денови, треба да се остави климатизерот да работи во текот на ноќта и да ја одржува собната температура на некои 16-17 степени, за да во утринските часови може полесно да се постигне бараната температура. На тој начин просторот подобро се загрева, потрошувачката на електрчна енергија е помала отколку кога климата ќе се вклучува повремено.
Со ова го завршуваме циклусот на најчесто поставувани прашања за климатизерите и искрено се надеваме дека ги опфативме сите прашања со кои би можеле да се сретнете, доколку во вашиот дом имате инсталирано климатизер.
Leave a Reply