Секој производител на клима уреди препорачува поредовно чистење на климатизерот, а на некои клима уреди и гаранцијата им е поврзана со редовниот годишен сервис. Инаку преку одржувањето (чистењето) не само што му се продолжува животниот век на климатизерот, туку со тоа се влијае и на чистотата на воздухот, кој циркулира во просторија.
Климатизерите најчесто се користат за ладење, но во последниот период опсегот на работата им е зголемен со тоа што во помодерните климатизери има вградено инвертер технологија. Преку инверторот се отвара можност клима уредите да се користат и како системи за греење. Но како и да е без разлика дали зборуваме за грејна сезона или за сезона на ладење, пред да започне истата, потребно е климатизерот да е правилно исчистен. За да се исчисти клима уредот, не треба од истиот да почне да излегува непријатен мирис, или да се запуши па да не може да ја постигне саканата температура, туку чистењето на истиот треба да премине во навика.
Квалитетот на воздухот е најбитен фактор за луѓето кои престојуваат во определена просторија, а тој директно зависи од квалитетот и чистотата на филтерот на внатрешната единица.
Кај стандардниот климатизер за домаша инсталација (split sistem) нема размена на воздухот помеѓу надворешната и внатрешната единица, а тоа значи дека надворешниот воздух не влијае на внатрешниот. Токму поради тоа, за време на периодот кога климата не работи, на филтрите се имаат насоберено микроорганизми, бактерии и прашина. Тоа автоматски води кон неквалитетен воздух во просторијата.
Во зависност од типот на филтерот, бројот на пушачите или намената на просторијата, филтрите на климатизерот треба да се чистат редовно а во некои случаи и на недела дена. До ова особено треба да се придржува, доколку некој е алергичен на прашина или на мали микроорганизми.
Инаку чистењето на филтрите се одвива така што филтрите се потопуваат во млака вода (до 30 C степени), во која обично може да се додаде и средство за чистење. Така потопени се оставаат до 30 минути, а потоа се пуштаат под млаз вода да се исплакнат, за да на крај се исушат и пак се наместат во внатрешната единица.
Освен што е потребно чистење на филтрите и редовниот сервис е една од мерките за одржување на климатизерот. Редовниот сервис вклучува целосно проверување на клима уредот, од притисокот, фреонот, вентилаторот, изолацијата или цевките да не се оштетени и.т.н.
Редовниот сервис неретко се поврзува и со гаранцијата на клима уредот, така да доколку корисникот не се придржува до тоа еднаш годишно стручни лица да му го проверат климатизерот, гаранцијата не му важи.
Рашо says
Почитувани, го читам тоа што сте го пишале и се почувствував обврзан да ви пишам. Оваа реченица најсилен впечаток ми остави: “Климатизерите најчесто се користат за ладење, но во последниот период опсегот на работата им е зголемен со тоа што во помодерните климатизери има вградено инвертер технологија. Преку инверторот се отвара можност клима уредите да се користат и како системи за греење.” Прво, самиот збор Inverter има значење кое што нема ама баш никаква поврзаност ни со греење ни со ладење, туку значи дека внатре има електро-мотор, кој ја контролира работата на компресорот, а компресорот ја контролира и температурата и ја држи во една константа, а на тој начин немате загуби на топлинска енергија и воедно има ниска потрошувачка на електрична енергија. Инвертер електромоторот има максимум и минимум, кој се одредува преку сензор што ја мери температурата и одредува колку моќност да употреби за најмала потрошувачка на електрична енергија. А погоре сте пишале дека преку инвертерот има можност и да се користат климите за греење, што воопшто не е точно, и инвертерот и стандард сплит системот и ладат и греат. Стандард сплит системот работи на принцип на греалка со термостат кој мери внатрешна температура и се вклучува и исклучува, а тоа е дефиниција за голема потрошувачка на електрична енергија и големи топлински загуби доколку се стави некаде каде што нема изолација. Затоа после луѓето дезинформирани купуваат производи што не ги разбрале правилно. Извинете ако изгледа на упад оваа порака, но ве молам сменете го описот за да нема забуни.
Поздрав.