

Во еден од претходните постови насловен како Греење со клима уреди одговоривме на прашањето дали може да се користи клима уредот како основно средство за греење во текот на зимата покрај ладење во текот на летото. Одговорот беше дека може, но сепак треба да бидат исполнети некои услови како поблаги зими и секако климата да исполнува одредени техничко-технолошки услови.
Што влијае на можноста еден клима уред да ги задоволи потребите за греење?
При избор на клима уреди, ќе треба да земете ги земете во предвид следниве параметри:
- Големина на просторијата. Кога станува збор за големината треба да напоменеме дека таа не се пресметува по површина како што знаеме да кажеме (на пример просторија од 30, 40 или 60 метри квадратни) туку треба да користиме волумен кој се изразува во метри кубни. Ова е поради фактот што просторијата која сакаме да ја загрееме има сопствен волумен. Оваа големина влијае на потребната моќност на климата за греење.
- Внатрешни прегради. Дали просторијата или просториите кои сакаме да ги грееме имаат внатрешни прегради (ѕидови) или немаат. Доколку има каква е нивната поставеност или дебелина? Овие прашања треба да не одведат до одговор на тоа каде ќе треба да се постави тој клима уред кој ќе го користиме за греење или да се определи бројот на внатрешни единици кои мора да се вградат во просторот.
- Изолација. Каква е изолацијата на надворешните влијанија врз просторијата која сакаме да ја грееме?
- Подрачје. Во какво подрачје се наоѓа просторот кој сакаме да го грееме? Какви се температурите во тоа подрачје. Климатските услови, односно температура на подрачјето ќе влијае на одлука дали да се изврши греење со клима уред или да се бара некое друго решение.
- Прозорци. Какви и колку прозорци има во просторијата која сакаме да ја загрееме? Поголеми прозорци ги намалуваат можностите на греење со еден клима уред.
- Финансиски можности. Секако не треба да се заборават и вашите финансиски можности кои сепак ќе влијаат на тоа дали ќе можете или не можете да користите едно вакво решение.
Најдобро е кога ќе ги имате сите овие параметри да се консултирате со овластен сервисер или пак овластен трговец на клима уреди како со заедничка соработка би го избрале најдоброто решение за клима уред за греење кој би ги задоволил вашите потреби.
Leave a Reply