Со зголемувањето на дневните температури и со зголемувањето на сончевите денови, право пропорционално се зголемува и бројот на прашањата кои пристигнуваат на нашата адреса во врска со соларните системи за топла вода.
Бидејќи цената на струјата вртоглаво се зголемува, заинтересираноста е уште поголема. Токму поради тоа се одлучивме да направиме еден мал водич за инсталирање на соларните системи во вашиот дом.
Односно ќе ги наведеме најбитните работи на кои би требало да се обврне внимание, пред да се одлучите во вашиот дом да поставите соларен систем за топла вода.
- Проверка на можностите во однос на потенцијалните места за колекторот и нивната изложеност на сончевите зраци. Прва и основна проверка која би требало да ја направите е тоа да го утврдите местото каде сакате да го поставите колекторот. Колекторот би требало да се наоѓа на јужна страна, па затоа би требало да постои можност, односно простор за поставување на колекторот на таа страна.
- Проверка на можностите на издржливост на покривот. Стандардно место за поставување на колекторот за санитарна топла вода е покривот. По утврдувањето на местото каде ќе се постави колекторот мора да се провери кровот дали е погоден за таков вид на монтажа. Доколку кровот е од стара градба гредите можеби имаат попуштено и дополнителен товар може да предизвика несакани последици.
- Што сакам да добијам? Основното прашање кое би требало да си го поставите е за што се сакате да го користите соларниот систем. Доколку го користите системот само за санитарна топла вода, бојлерот ќе биде со еден изменувач. Кога би се користел и за греење на домот бојлерот ќе биде со два изменувачи. Тука се јавува и прашањето колку топла вода за дневни потреби ќе бидат потребни. Кога ќе ги решите овие дилеми тогаш одлучете се, зошто секое понатамошно предомислување ќе ве чини дополнителни пари.
- Проверка на финансиските можности. Во зависност од саканите резултати што би сакале да ги добиеме со поставувањето на соларниот систем, цената би можела да варира во голема мера. За да не се изненадиме кога ќе ја чуеме цената на соларниот систем кој ние го имаме замислено за нашиот дом, првин да ги провериме нашите финансиски можности за да не се најдеме во незгодна систуација.
- Избор на производител на опрема. Сите сме свесни за инвазијата на кинеска стока што се случува веќе некој период не само во нашата држава туку и во светот. Во глобала стоката што доаѓа од таму е многу поефтина од останатата. Тука се вклучени и соларните системи, но неретко се разликуваат во квалитетот. Затоа ви препорачуваме сериозно да обрнете внимание при изборот на опремата зошто соларните системи се предвидени да функционираат околу 25 години, и не би сакале за 5 години да го менувате целокупниот систем.
- Избор на изведувач. Moжете во вашиот дом да инсталирате и најквалитетна опрема од најреномирани произведувачи и за тоа да потрошите цело богатство но пак да не ги задоволува основните критериуми. Тоа е затоа што целокупниот систем не е поврзан добро. Особено внимание би требало да се посвети околу изведувачот зошто соларниот систем не се монтира секој ден.
Доколку ги следите горенапишаниве постапки не би требало понатаму да ви се случуваат несакани компликации поврзани со соларниот систем.
Leave a Reply