Како да ја сочувате топлината на најевтин и наједноставен начин ?

Izolacija vo domot

Во овој пост ќе наведеме неколку совети за зачувување на топлината во вашиот дом. Поставената изолација на вашиот дом е клучен фактор на патот кон што поефикасно загревање на просторот, како и вкупните трошоци поврзани со греењето. Без разлика на тоа каков извор на енергија ќе користите, овие совети ќе бидат од голема корист. Изолација на поткровје, подрум, прозори, врати, мали отвори, користење на завеси и ролетни – се ова може да влиае на значајно намалување на трошоците за живот.

Можеби вашата прва помисла е дека сите овие работи се едноставни и вие многу добро ги знаете, но веруваме дека понекогаш на нив не се обрнува онолку внимание, колку навистина е потребно. До сега често пати сме слушале дека старите куќи кои не се добро изолирани, бараат навистина многу работа околу унапредување на изолацијата, но дали сме се запрашале колку и новите градби се навистина добро изолирани. Се случува при инвестирање во нова градба, да се штеди на материјал за работа, да не се знае квалитетот и ефикасноста на материјалот кој се користи за изолација.

Во продолжение ги наведуваме едноставните и ефикасни чекори за подобро да ја зачувате топлината во вашиот дом.

ЗАЈАКНУВАЊЕ НА ИЗОЛАЦИЈАТА НА ПОКРИВОТ

Поткровјето е едно од клучните места кога станува збор за губиток на топлина. Доколку изолацијата на поткровјето која ја имате поставено не е дебела 30 cm , се препорачува истата да се зајакне. Тоа може да се направи со помош на оние поевтини материјали како што се: целулоза (стара хартија), стиропор или најлон. Поткровјето кое е добро изолирано секогаш е ладно, заради тоа што изолацијата не пропушта топлина.

ИЗОЛИРАЊЕ НА ПРОЗОРЦИ И ВРАТИ

Голем дел од топлината се губи околу вратите и прозорците, бидејќи не во секој дом има поставено нови врати и прозорци. Со таа цел постои можност да се залепи гумена самолеплива трака во внатрешните делови на вратите и прозорците. Пред да се залепат треба убаво да се исчистат внатрешните делови и се препорачува тоа да се направи на температура пониска од -6°C. Исто така може да се користи самолеплива трака за долниот дел од вратата, која ефикасно би си ја завршила својата работа.

КОРИСТЕЊЕ НА ПУР ПЕНА

Со користење на овој маетеријал може да се затворат малите отвори низ кои топлината излегува, како на пример: просторот позади прекинувачот на надворешниот ѕид, отворите низ кои излегуваат цевките и сите отвори кои може да ги има во еден дом. За оваа инвестиција не ви се потребни многу пари и знаење, а тоа ќе ја подобри вашата изолација.

ИЗОЛИРАЊЕ НА ПОДРУМОТ

Тука само ќе наведеме дека често подрумот знае да биде причина за губење на топлината. Ова може да се реши со поставување на изолација од некој од поевтините материјали, како и користење на претходно спомнатата пур пена.

КОРИСТЕЊЕ НА ЗАВЕСИ И РОЛЕТНИ

Еден од наеједноставните начини за зачувување на топлината се поставувањето на завеси и ролетни. Во вечерните часови тие може да се спуштат за да спречат ладен воздух да влегува внатре, додека преку ден може да се кренат и да дозволат да влезе природна топлина во домот.

Изолација

Независно дали планирате да користите топлинска пумпа за загревање на домот или пак некое друго грејно тело, трошоците се неизбежни. Доколку се одлучите да вложите малку труд и да одвоите малку средства за да може да ги примените наведените совети, вие може значително да ги намалите вашите трошоци. Не треба да заборавате дека со добра изолираност на вашиот дом, вие заштедувате повеќе од 30% од трошоците за греење.

Остави коментар

*