Последиците од пожарите во Македонија

Скоро цело лето Македонија не престанува да гори. Нови пожари се јавуваат скоро секој ден, а македонските пожарникари мака мачат да престигнат. Во гаснењето на пожарите освен локалните територијални противпожарни единици, се вклучуваат и хеликоптери од АРМ, авионите на Дирекцијата за заштита и спасување, локални комунални и други претпријатија, како и голем број на граѓани. Она што најмногу загрижува во овие случаи е едногласноста дека скоро сите овие пожари се предизвикани од човекот – што од невнимание (фрлено догорче), што од негрижа (палење на стрништа), што од нечии болни намери за лична корист.

Голем дел од населението не ги сфаќа целосно последиците и негативното влијание што шумските пожари може да го имаат врз нивните животи. За жал, голем дел и не ги ни интересира за последиците. Но тоа е прашање што го оставаме на надлежните институции да го решат. Иако понекогаш некој помал шумски пожар може поволно да влијае врз екосистемот во шумата, за обнова на флората, кога тоа се случува постојано и на еден ист регион, последиците се неизбежно негативни, и тоа како од еколошки, така и од социо-економски аспект.

Последици врз околината

  • Кога се уништува шумата се намалува производството на кислород и апсорпцијата на јаглерод диоксид од дрвата. Дополнително, за време на пожарот се ослободуваат огромни количини на CO2. Зголемување на CO2 значи зголемување на глобалното затоплување;
  • Почвата и лисјата во шумите апсорбираат до 50% од дождовите. После пожар, водата нема како да биде задржана па настануваат поплави;
  • Почвата не е повеќе заштитена од дождот, па се појавува ерозија;
  • Подземните води и изворите не се обновуваат повеќе со свежа вода па се намалува нивниот капацитет, како и квалитетот на водата за пиење;
  • Кога една шума постојано претрпува пожари таа станува неплодна и каменеста;
  • Се намалува животниот простор на дивите животни, со што се намалува и нивниот број;
  • Во просек обновата на изгорениот шумски појас трае и до 50 години;
  • Водите во околината се загадени од огромните количини на пепел што се разнесува после пожарот, што директно влијае на рибите и растенијата;
  • Се уништуваат шумски производи, како дрво за граѓа, дрво за огрев, шумски плодови и природни лекови;

Социо-економски последици

  • За време на пожар се уништуваат плодна земја, посеви и фарми;
  • Заради ерозивноста на земјиштето после пожар, настануваат поплави кои прават огромни штети по полињата и населените места;
  • Последиците во земјоделството предизвикуваат невработеност, тоа доведува до миграција на населението во урбаните средини, оставајќи ги опожарените подрачја пусти;
  • Шумските пожари го намалуваат обемот на туризам во околината;
  • Има тешки последици по здравјето на луѓето, не само за време на пожарот, туку и после, заради огромните количини на ослободен CO2;
  • Намалување на дрвја за огрев, сè додека не се обнови шумата. Тоа резултира и со зголемување на цената на огревниот материјал;
  • Економијата е оптоварена со огромните трошоци за гаснење на пожарите и обновување на шумата.

 

Остави коментар

*