Припрема на клима уредот за летната сезона

Procistuvanje klimaКлима уредите најчесто се користат за ладење, но во последниот период опсегот на работата им е зголемен со тоа што модерните клима уреди имаат вградено инвертер технологија. Преку инвертерот се отвара можност клима уредите да се користат и како системи за греење. Но како и да е, без разлика дали зборуваме за грејна сезона или за сезона на ладење, пред да започне истата, потребно е климатизерот да е правилно исчистен. За да се исчисти клима уредот, не треба од истиот да почне да излегува непријатен мирис, или да се затне па да не може да ја постигне саканата температура, туку чистењето на истиот треба да премине во навика.

Квалитетот на воздухот е најбитен фактор за луѓето кои престојуваат во определена просторија, а тој директно зависи од квалитетот и чистотата на филтерот на внатрешната единица од клима уредот. Преку одржувањето (чистењето) се влијае на чистотата на воздухот, кој циркулира во просторијата, а самото ова допринесува и за зголемување на животниот век на клима уредот.

Кај стандардниот климатизер за домаша инсталација (split sistem) нема размена на воздухот помеѓу надворешната и внатрешната единица, а тоа значи дека надворешниот воздух не влијае на внатрешниот. Токму поради тоа, за време на периодот кога клима уредот не работи, на филтрите се имаат насобрано микроорганизми, бактерии и прашина. Тоа автоматски води кон неквалитетен воздух во просторијата.

Во зависност од типот на филтерот, бројот на пушачите или намената на просторијата, филтрите на клима уредот треба да се чистат редовно, а во некои случаи и еднаш неделно. До ова особено треба да се придржува, доколку некој е алергичен на прашина или на мали микроорганизми.

Чистењето на филтрите се одвива така што филтрите се потопуваат во млака вода (до 30 C степени), во која обично може да се додаде и средство за чистење. Така потопени се оставаат до 30 минути, а потоа се пуштаат под млаз вода да се исплакнат, за да на крај се исушат и пак се наместат во внатрешната единица.

Освен чистењето на филтрите, редовниот сервис е една од мерките за одржување на клима уредот. Редовниот сервис вклучува целосно проверување на клима уредот, од притисокот, фреонот, вентилаторот, изолацијата, па се до проверка на цевките дали се оштетени.

Филтер пред чистење и по чистење

Филтер пред чистење и по чистење

Редовниот сервис неретко се поврзува и со гаранцијата на клима уредот, така да доколку корисникот не се придржува до тоа еднаш годишно стручни лица да му го проверат климатизерот, постои можност гаранцијата да не важи.

Одржувањето и редовното чистење на клима уредот ќе допринесе за намалување на главоболките околу несакани дефекти и одземање на дополнително време околу отстранување на несаканите дефекти.

Остави коментар

*