Доколку не сте во можност да инсталирате фиксен клима уред во вашите простории (доколку сте под наем или некоја друга причина), наједноставно и најправилно решение за вас е преносниот клима уред. Најголемата предност на преносниот клима уред е тоа што тој може да се преместува од соба во соба. Така да доколку за време на денот престојувате во една соба ја ладите таа соба, кога ќе се преместите во друга го преместувате климатизерот и ја ладите другата соба. Можете да ја понесете дури и на викендица, па така во текот на викендот да уживате во пријатна собна температура.
Но за разлика од неговите предности, маните ги има во многу поголем број, барем според наше мислење. Клима уредот навистина може да ја менува својата позиција, но и во тоа е ограничен со кабелот за струја и со цревото за испуштање на топлиот воздух. Од претходно напишаните постови знаеме дека при работата на клима уредот, топлиот воздух мора да излегува некаде, па од таму сите преносни клима уреди мора да имаат црево преку кое ќе излегува топлиот воздух. Тоа црево не би требало да биде подолго од 3 метри а се препорачува да биде што пократко. Се препорачува да се исфрли преку најблискиот прозорец или врата, но тогаш пак се отвора можност топлиот воздух да се врати во просторијата. Најдоброто решение да се спроведе цревото преку оџакот (доколку го имате), или пак да се отвори дупка во ѕидот или прозорецот. Отварањето на дупката во глобала претставува проблем бидејќи во зависност од произведувачот на клима уредот, дебелината на цревото може да изнесува до 15 cm, што не претставува убава слика за око. Цревото треба да е што пократко бидејќи нема некоја топлинска изолација и преку него може да се влијае на топлината во просторијата, односно да ја загрева.
Ова не е единствениот недостаток на преносниот клима уред, вториот недостаток е енергетската ефикасност. Во претходните постови пишувавме колко е битно климатизерот да е со што поголема енергетска ефикасност затоа што тоа директно влијае на потрошувачката на електрична енергија. Преносните клима уреди имаат помала енергетска ефикасност од стандардните климатизери, односно сплит системи. Тие исто така се и побучни, а потребно е исто така да се обрне внимание и на редовно празнење на садот за кондензација, кој доколку работи континуирано ќе треба да се празни и неколкупати дневно.
Да не се забораваме сега премногу со критиките и да извлечеме поука, доколку немате услови за стадарден климатизер, а меѓу другото имате решение за цревото наменето за издувниот топол воздух, преносниот клима уред би можел да биде идеaлно решение за топлите жешки денови.
Leave a Reply