
Сигурни сме дека барем еднаш сте си поставиле некое прашање во врска со соларните системи, а посебно кога сте пред донесување на одлука за купување на истите. Има неколку прашања кои што најчесто се поставуваат, а ние сме тука да ви ги одговориме.
Што претставуваат соларните системи?
Соларни системи овозможуваат квалитетно и сигурно искористување на еден од најголемите бесплатни извори на енергија со помош на соларни колектори кои ја апсорбираат енергијата од Сонцето односно сончевите зраци и со помош на таа енергија ја загреваат водата која се користи како санитарна топла вода или за догревање на водата за централно греење. Овој систем овозможува загревање на 80% од водата која е потребна за едено домаќинство. Со помош на соларни системи или соларни колектори постои можност и за загревање на водата во базените. Исто така во последниве години се развиваат и користат соларни системи за производство на електрична енергија односно фотоволтаични системи.
Соларни системи за производство на топла вода се состојат од:
- Соларни панели или соларни колектори кој најчесто се монтираат на кровот од куќата,
- резервоар (бојлер) за складирање на топлата вода ,
- инсталација од цевки низ кои поминува флуидот кој ја загрева санитарната вода која се користи во куќата и
- пропратна опрема за сигурна и непречена работа на системот , кое е составена од циркулациона пумпа, соларен контролер , вентили , мерни инструменти итн Препорачано е опремата да биде наменета за соларни системи (не за греење) бидејќи е направена да може да издржи повисоки температури.
Со рационално користење на топлата вода, која се добива од овој систем нема потреба од догревање на бојлерот со дополнителна енергија во поголем број на месеци во годината. Недостаток се чувствува за време на зимските месеци поради слабото сончево влијание и тогаш мораме да ја догреваме водата во бојлерот со помош на електрична енергија.
Флуидот кој тече низ колекторот или системот не е вода, односно колекторите се исполнети со еколошки антифриз – гликол така што се овозможува системот да биде издржлив и на ниски температури во зимата. Со користењето на соларните системи се заштедува енергија и до 60% годишно.
Како да се избере или димензионира соларен систем?
Соларни системи се димензираат според потребите од топла вода на објектот или според потребите на жителите кои живеат во него. Постои и пресметка според потрошувачката на количината на топла вода. Се мисли на малку, средно или комфорно дневно количество на вода, односно од 40 до 60 литри по човек.
Кај нас во Македонија за едно четиричлено семејство најчесто се користи или најбаран е бојлерот со капацитет од 200 литри. Поради се поголемата апсорпција на новите генерации на соларни колектори се препорачуваат и бојлери со поголеми капацитети како 300 и 500 литри, за да ги примат и зачуваат топлинските добивки. Поголема количина на вода во бојлерот која е претходно загреана, потешко се лади и троши во облачните денови или пак кога немаме сонце.
Кои предуслови се потребни за оптимално искористување на соларни системи?
Покрај опремата која составен дел на соларниот систем битна е и географската местоположба. На пример, во Македонија според нејзината местоположба имаме 265 сончеви денови во годината и имаме сончево зрачење од околу 1400 KWh/m2. Тоа се одлични предуслови за што поголем развој на соларните системи кај нас.
Исто така важна е и ориентацијата кон половите на самите колектори. Препорачана е јужната или југозападната ориентација. Просторот е пожелно да биде визуелно чист кон сонцето, односно да нема сенка од друг објект или од дрва
Покрај тоа важен е и аголот на поставување на соларните колектори, во зависност од потребите на објектот. Најчесто се поставуваат на 45 степена за добивање на санитарна топла вода. Аголот може да варира и од 30 до 60 степени во зависност од потребите на објектот (топла вода или греење) во различен период во текот на годината .
Продолжува…
Leave a Reply