Во денешно време на пазарот постојат голем број на соларни колектори кои се нудат со цел користење на бесплатната сончева енергија. Пред нас има широк избор на колектори со различни конструкции и изведби, направени од различни материјали и квалитативни карактеристики. Пратејќи го трендот на енергетско ефикасни системи на греење, користењето на сончевата енергија ни остава безброј прашања за тоа како истата паметно да се искористи, каде да ја насочиме нашата инвестиција и што да очекуваме од истата.
Материјал на абсорбер кај сончевите колектори
Една од најважните карактеристики за ефикасноста на колекторите е материјалот од кој тие се направени. Знаеме дека топлинската спроводливост на бакарот е најголема, по него се челикот и алиуминиумот. Превлаката на абсорберот има задача да абсорбира колку што е можно поголемо количество на енергија и таа да ја претвара во топлина.Провидната прекривка има двојна улога: да ги пропушта сончевите зраци кои ја загреваат водата и ги намалува топлинските загуби од колекторот. Непропустливоста на покривката на топлинско зрачење, води до т.н “ефект на стаклена градина” во колекторот и го штити апсорберот од топлински загуби и ветер. Како покривни материјали најчесто се користат стаклото и пластиката. Покривката треба да поседува долготрајна стабилност во однос на оптичките и механичките својства.
Изолациони материјали
Најчесто како изолациони материјали се користат минералната и стаклена волна, но може да се користат и полиуретанска пена и стиропор. Овие последни два изолациони материјали трпат пониска максимална дозволена температура и истите треба да бидат заштитени со покривен слој.
Најважниот критериум за димензионирање на системот се потребите за санитарна топла вода, кои потреби можат да се поделат во мали, средни и големи и зависат најмногу од секојдневните навики на секое семејство. Сепак не е доволно да се знаат само потребите за топла вода, туку и нивната годишна распределба. На пример, училиштата имаат слаба потрошувачка во лето и тоа може значително да ја намали економската ефикасност на сончевиот систем. За станбените згради, хотели, болници карактеристичен е висок константен потрошувачки профил.
Сончевиот систем за загревање на вода во основа се состои од колектор и резервоар, во зависност од секој поединечен случај може да се косристат и топлински изменувачи, пумпи и сл. Денес поголем број соларни системи се користат за подготовка на топла вода за индивидуални домаќинства или куќи со повеќе домаќинства. Овие системи имаат резервоар со волумен од 200-300 литри и колекторска површина од 2-6 m2 , зависно од типот на колекторите (рамни или вакуумски). Сите цевки во ситемот треба да бидат добро изолирани за да се спречат топлинските загуби при транспосрт на санитарната топла вода до потрошувачот. Се препорачува дебелината на изолацијата на цевките да биде еднаква со нејзиниот дијаметар.
Трошоците за соларните сиситеми за греење многу зависат од потребната технолошка софистицираност заради локалните климатски услови и од локалните цени за материјал и работна рака. Сепак постои значителен потенцијал на намалување на трошоците, последните 20 години истите се преполовени и во иднина се очекува уште подостапни цени, заради нивниот голем пораст на пазарот.
Leave a Reply