Кои се потребните материјали за изработка на цевководен систем на парно греење

Куќа со радијатори

Во овој пост ќе ви ги објасниме составните делови,материјалите кои се потребни и се користат во поставување на парното греење.Цевководниот систем за парно греење се поставува со цел да се спроведе топла вода до поставените грејни тела во секоја просторија. Потоа се одзема топлината од водата и оладената вода се враќа до местото кое треба истата да ја загрее. Водата која кружи во цевководниот систем достигнува температура до 90°C и поради тоа цевководниот систем е направен за водата со таа темература без никаков проблем се движи низ цевките. Материјалите од кои се изработуваат цевководните системи се: алумпласт црева, бакарни црева и црни цевки. Овие различни видови на црева со помош на колена, нипли и тештици се поврзуваат во системот.

Во продолжение ќе ги објасниме и воедно ќе се потсетиме на карактеристиките на овие видови на црева.

АЛУМПЛАСТ ЦРЕВО

Овие црева се користат за изработка на водоводни сисетми и системи за парно греење. Тие се направени и димензионирани да можат да ја издржат високата температура на водата која циркулира. Нивната практична примена се покажува при монтажа во кошулици и подови, како и изработката на подно и парно греење. Тука може да напоменеме дека при изработка на подно греење, се користи полиетиленско црево со антиоксигенска бариера за кое имаме зборувано во некој од минатите постови. Овие црева имаат голема флексибилност и може да се виткаат без да се употребуваат други фитинзи и пропратни елементи. Кога алумпластот го купувате, се испорачува во котури и може да нарачате должина која ви одговара. Алумпластот може да го најдете во различни димензии: 16мм, 18, 20, 26мм итн (зависно потребата на купувачот). Овие црева може да се спојуваат со прес фитинг или со фитинг за навртување. Кога би требало да направиме споредба помеѓу овие 2 типа на поврзување, принципот на завртување веројатно би бил подобар, бидејќи е доста флексибилен со можност за расклопување на врската и при преместување на радијаторите. Алумпалст цревата имааат одличен квалитет, лесни се за монтирање и имаат прифатлива цена.

ЦРНИ ЦЕВКИ

За овој тип на цевки помалку би разговарале, заради тоа што истите се среќаваат кај постарите изведби на парно греење. Системите со ваков тип на цевки се одликуваат со извонредна трајност, но за разлика од алумпласт цевките се тешки за монтирање и бараат одржување со помош на фарбање од надворешната страна. Поради овие причини, црните цевки поретко се користат за домашна употреба.

БАКАРНИ ЦЕВКИ

Бакарните цевки се една од поскапите варијанти во изведбата на цевководниот систем, а тоа се должи на самиот бакар кој има висока цена на светската берза. Не ретко се случува да сретнете размислување како следново: Бакарните цевки се поотпорни на секакви влијанија и повеќе оддаваат топлина во просторијата каде поминуваат. Нивната димензија може да биде ф15, ф18, ф22 итн. Споредбата на цената на алумпласт цревото и бакарните цевки за парно греење е некаде околу 1:4, зависно димензијата на цревата.

Откако ќе се одлучите за типот на материјалот кој ќе го користите, продолжувате со планот за тоа како и каде ќе биде поставен цевководониот систем. Во следниот пост ќе се задржиме на објаснување на варијантите за изведба на цевководниот систем.

Остави коментар

*