Соларни системи: Што влијае на димензионирањето?

Акцијата за соларни системи е активна и сите информации можете да ги видите на официјалната страна за акцијата.

Соларен панелПри проектирање на соларни системи, за да се избегне преголемо или премало димензионирање на сончевите постројки, најважно е да се знаат што попрецизно енергетските барања на тој објект. Кога станува збор за стамбени објекти (згради, куќи) топлинските потреби се сведуваат на производство на санитарна топла вода и вода за греење.

Потребите за производство на санитарна топла вода се константни низ целата година и не се зависни од климатските промени и затоа имаат многу мали варијации, додека пак потребите за производство на вода за греење имаат големи сезонски варијации односно се наоѓаат под големо влијание од климатските промени. Соодветно на тоа, потребната енергија за загревање на санитарната топла вода како дел од вкупните енергетски побарувања кај стари згради се движат помеѓу 10% кај високо енергетски објекти, а кај ниско енергетски згради 50%.

Покрај реалните потреби за загревање на санитарна топла вода и вода за греење, постојат и значителни топлински загуби. Овие топлински загуби (од цевките, резервоарот за вода) треба да се земат во предвид уште во фазата на димензионирање. Во пракса се покажало дека доволно е топлинските загуби да се претпостават.

Определување на потребната енергија за подготовка на санитарна топла вода

Потребите од топла вода во домаќинствата во една стамбена зграда, во основа зависат од бројот на станари. Меѓутоа покрај бројот на станарите важна улога имаат и возраста на станарите, животниот стандард, занимањето, сезоната и друго. Обично , дневните потреби од топла вода по лице се даваат во литри со определено температурно ниво на пр.

  • 30 литри на 60˚С
  • 43 литри на 45˚С

Во следнава табела се дадени просечните вредности за потрошувачка на топла вода.

Дневни потреби за топла вода по лице на температура од 60˚С

Ниски потреби      10 – 20 литри
Средни потреби      20 – 40 литри
Високи потреби      40 – 80 литри

Пресметка на дневната потрошувачка на топла вода во зграда

При определувањето на дневната потрошувачка на топла вода  се поставува прашањето колку луѓе ќе живеат во становите. Бројот на луѓе може да се процени на два начина за кои се применуваат статистички податоци:

  • Пресметка според просечната стамбена површина

Може да се определи врз база на статистички податоци кои за Македонија може да се земат дека просечната подна површина по лице изнесува 20 m².

  • Пресметка според среден број на станари во еден стан

Може да се определи врз база на статистички податоци  за просечен број на станари по стан ако е познат бројот на станови во зградата кои за Македонија може да се земе дека е 3 станари по стан.

Најпрецизен и сигурен метод за пресметка на потрошувачката на топла вода е истата да се мери на подолг репрезентативен период. Тоа може да се реши со постоечките водомери или пак со мерачи на потрошена енергија од кои може да се превземат податоците за еден репрезентативен период.

Поставувањето на водомер е препорачливо секогаш кога температурното ниво на топлата и ладната вода е скоро константно. Определувањето на температурното ниво на санитарна топла вода е доволно како основа за пресметка на топлинските потреби.

Мерач на потрошена енергија се користи при константни и при променливи температури на топлата и ладната санитарна вода. Инвестиционите трошоци се поголеми отколку за водомер , но податоците се посоодветни.

За најдобри и најсоодветни  податоци важна улога има позицијата на мерачот на проток. Во врска со тоа, треба да се внимава да се мери само протокот на топла вода, која пак протекува само низ загревачот за вода. Кај системите со централни загревање на санитарна вода, покрај потрошувачката на топла вода, треба да се земат во обзир и загубите низ цевките за дистрибуција на топлата вода и циркулационата цевка. Заради тоа, се препорачува да се мерат и топлинските загуби од циркулационата цевка.

Trackbacks

  1. […] еден од претходните постови зборувавме за правилното димензионирање на сончевите системи.  Сега ќе наведеме во кои случаи се користи соларен […]

Остави коментар

*