Подготвени сте за новата грејна сезона и студените денови кои следат?
Веќе ги облековте топлите алишта, го запаливте огнот, ги вклучивте вашите греалки, клими, радијатори…..но дали навистина го подготвивте системот на греење, за истиот беспрекорно да си ја заврши својата работа?
Без разлика на веќе направениот избор на систем на греење или пак оној избор кој во моментот го правите, мора да размислувате за одржување и сервисирање на истиот. За да се постигне и одржи топлинска удобност во домот, мора да им обезбедите на вашите грејни тела “нормални” услови за ефикасност во нивната работа.
Во текот на зимата секој од нас е свесен и подготвен да се соочи со трошоците за енергијата која ја користи. Притоа мора да ги споменеме оние непланирани трошоци кои може да настанат заради лошо одржување и занемарување на уредот, средства кои сме принудени да ги издвоиме од нашиот буџет.
Во продолжение ви даваме неколку препораки и совети за да бидете сигурни дека вашиот систем ќе функционира.
1. Еднаш годишно, пред почетокот на грејната сезона потребно е да повикате сервисер да ја провери инсталација, за да бидете сигурни дека целиот систем е во ред.
2. Важно е да се провери дали котелот е преголем за потребите за греење на вашата куќа. Ако имате котел со поголем капацитет отколку што е потребно почесто ќе се пали и гаси со што ќе предизвика поголема потрошувачка на гориво и повисоки трошоци.
3. Потребна е проверка на изменувачот на топлина, на кој постои можност да се нафатил каменец и да го намали преминот на топлина. Во таков случај котелот ќе потроши поголемо количество на гориво, а просторот бавно ке се загрева.
4. Треба да се обезбеди непречен проток на воздух околу котелот, кој е потребен за согорување на енергенсот во процесот на греење.
5. Доколку се греете на дрва, еднаш годишно се препорачува овластено лице да го провери протокот во оџакот, односно да го исчисти оџакот. Доколку оџакот не е исчистен може да дојде до враќање на димните гасови во просторијата каде што е котелот, котелот да не работи со цел капацитет итн.
6. Ложиштето со дрва не треба да се преполнува, зошто тоа би ја намалила искористеноста. За да се обезбеди подобро согорување и ефикасност, дрвата не треба да бидат поголеми од 10-15 см и треба да бидат суви.
7. Радијаторите не треба да се покриваат со завеса или мебел бидејки тоа ја намалува нивната топлина, истите треба редовно да се чистат.
8. Во текот на летото во системот за греење може да навлезе воздух, кој во почетокот на грејната сезона може да го намали капацитетот на системот за греење. Постои можност половина од радијаторот да биде топол, половина ладен. Затоа е потребно редовно да се одржуваат радијаторите и целата инсталација за да се исфрли вишокот на воздух.
Лошото одржување или занемарување на уредот кој обезбедува греење е причина број 1 за престанок на греењето!
Leave a Reply