
Дали ви се случило да застанете за момент и во брзото темпо на секојдневието, етапно да размислувате за вашите одлуки, решенија и чекори кои сте ги направиле во периодот кој изминал.
Веројатно секој од нас се нашол во ситуација да размислува за подобри идејни решенија за својот дом, решенија кои би ги задоволиле потребите за греење и ладење, на ефикасен и лесно одржлив начин.Токму заради тие причини, овојпат би се задржале на Соларната енергија, на се она што таа може да понуди и придонесе во вашиот квалитет на живот.
Растечкиот тренд на поставување на соларни панели на станбени и комерцијални објекти, искористувањето на оваа обновлива енергија во големи размери кажува за развиената свест на луѓето и за нивната се поголема заинтересираност за овој енергетско ефикасен начин на греење и ладење.
Како работи соларниот систем за греење на вода ?
Соларниот систем за греење на вода користи соларни панели-колектори, фиксирани на вашиот кров. Колекторите апсорбираат топлина од сонцето и ја користат за да ја загреат водата, која пак е сместена во резерварот од соларниот бојлер. Конвенционалниот бојлер се користи само во случај ако имате желба водата да биде потопла, односно да ја добиете посакуваната температура.
Има два вида на соларни колектори:
* Колектор со цевки-вакуумски
* Рамен колектор-flat plate
За нискотемпературна конверзија на сончево зрачење (t < 100°C) се користат рамни колектори кои го користат и директното и дифузното сончево зрачење.
Рамните сончеви колектори се наједноставни, неподвижни уреди со помош на кои глобалното зрачење може да се апсорбира и претвори во топлина. Во зависност од работниот флуид, рамните колектори се делат на колектори со течност и колектори со воздух.
Колектори без концентрирање на сончевото зрачење
Трансформацијата на сончевото зрачење во топлинската енергија (загреана течност,или загреан воздух) без концентрација на сончевото зрачење, се врши во рамни сончеви колектори.Течности кои, како флуиди за трансфер на енергијата, најмногу се користат кај рамните колектори се: вода, смеса на антифриз или на различни јагледоводородни и силиконски термички масла. Рамните колектори се најпогодни за примена онаму каде што се работи со ниски температури, како што е подготовка на топла вода за санитарни потреби и греење. Тие го апсорбираат како директното, така и дифузното зрачење.
Во текот на сончев ден дифузното зрачење учествува со околу 10%, а во облачен ден 100% од вкупно апсорбираната топлина во колекторот. Бидејќи нема потреба да го пратат Сонцето, цената на чинење и трошоците за одржување се минимални. Правилно конструиран и прописно изработен рамен сончев колектор има работен век од 10 до 25 години, па дури и повеќе. Колекторите изработени од бакар и стакло имаат нешто подолг работен век. Со користење на омекната вода, работниот век се продолжува на истите.
Вакуумските соларни колектори се максимално ефикасни во текот на целата година, а не само за време на летните месеци. Користењето на технологијата со “U” бакарна цевка поставена во стаклена вакумска цевка, овозможува производство на топла вода за време на облачни денови, кога другите колектори не би можеле да функционират.Срцето на секој соларен вакуумски колектор е стаклената вакуумска цевка. Во неа се сместени четири основни делови чија задача е да ги апсорбираат сончевите зраци и да ги претвораат во топлинска енергија: топлинска (бакарна) цевка, апсорпциона фолија, стаклена цевка, вакуум.
Соларните вакуумски колектори се одликуваат со долготрајно задржување на топлината. Тие имаат високо квалитетни вакумски цевки кои го спречуваат губитокот на топлината од цевките. Доколку се јават губитоци тие се минимални. Токму поради овие карактеристики вакумските колектори се поефикасни во однос на рамните колектори за дури 30%.
Исплатливоста од поставување на вакуумски колектор во моментов е најисплатливо решение за добивање на топла санитарна вода.
Економски анализи
Соларните процеси во главно се карактеризираат со високи почетни и мали операциони (работни) трошоци. Од тука како основен економски проблем се јавува оној на споредба на познатите почетни трошоци, со очекуваните работни трошоци во иднина. Повеќето процеси на сончева енергија бараат и основен (конвенционален) извор на електрична енергија, така што системот ќе вклучи и соларна и конвенционална опрема и годишните оптоварувања ќе се определат со комбинација на изворите.
Во основа опремата за соларна енергија се купува денес за да се намали утрешната сметка за гориво. Неколку економски критериуми се предложени и се користат за оценување и оптимизација на системи за соларна енергија, но не постои општа согласност за тоа кој требада се користи.
Време на исплата е она време за кое сончева ќелија или фотонапонски систем треба да се експлоатираат како би ги вратиле вложените средства (во производство, во инсталација, во одржување и.т.н). Ова време, покрај инвестициите во системот зависи и од климатското и географското подрачје каде системот е инсталиран, трошоците за производство и ефикасноста на сончевите ќелии.
Leave a Reply